Американскиот претседател Џо Бајден за време на денешната посета на Ханој истакна дека односите помеѓу САД и Виетнам влегуваат во нова фаза
Американскиот претседател Џо Бајден за време на денешната посета на Ханој истакна дека односите помеѓу САД и Виетнам влегуваат во нова фаза.
– Двете нации ја продлабочуваат соработката во областа на информатичката технологија, полупроводниците и вештачката интелигенција. Виетнам е клучен за минералните резерви од исклучително значење, истакна Бајден на деловниот форум во Ханој
На американско-виетнамскиот самит на иновации и инвестиции присуствуваа претставници на „Гугл“, „Интел“, „Амакор“, „Марвел“, „Глобал фаундри“ и на „Боинг“.
Од виетнамска страна учествуваа менаџерите на производителот на електрични автомобили „ВинФас“, авиокомпанијата „Виетнам ерлајнс“, технолошката компанија ФПТ и интернет компанијата ВНГ.
Според процените на Американскиот геолошки институт, Виетнам е втората земја во светот со најголеми наоѓалишта на ретки минерали, што се користат во производството на електрични возила и турбини на ветер.
Деловниот состанок уследи по вчера постигнатиот договор за подобрување на дипломатските односи меѓу САД и Виетнам. Средба имаше и Американскиот државен секретар Ентони Блинкен со виетнамскиот министер за инвестиции Нгуен Чи Дунг, а Бајден се сретна со виетнамскиот премиер Фам Мин Чин.