Руските специјални служби прават сè што можат за да ја осигураат безбедноста на претседателот Владимир Путин.
„Тасc“ пренесува дека ова денеска за новинарите го изјавил Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Се наведува дека Песков го коментирал тврдењето на американскиот новинар Такер Карлсон дека администрацијата на Џо Бајден, поранешниот претседател на САД, наводно планирала обид за убиство на рускиот претседател.
– Руските специјални служби постојано ги преземаат сите неопходни мерки за да се обезбеди јавна безбедност и секако безбедноста на оние кои се под државна заштита. Ова првенствено и најмногу се однесува на шефот на државата – рече Песков.
Според Карлсон, администрацијата на Бајден размислувала да го убие Путин.
Руската агенција наведува дека американскиот новинар рекол дека, генерално, неодамнешните американски власти имале намера да се вклучат во самоубиствен конфликт со Москва.
Карлсон конкретно го издвои Ентони Блинкен, поранешниот државен секретар на САД, за „жестоко притискање за вистинска војна“ меѓу САД и Русија во текот на неговите последни два месеци на чело на Стејт департментот.