– Американскиот претседател Џо Бајден доцна синоќа во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху понуди поддршка од својата земја по вооружениот терористички напад во Источен Ерусалим, во кој загинаа седум Израелци.
Тој го нарече убиството на седумте лица во вооружениот напад во Ерусалим „напад врз цивилизираниот свет“.„Американскиот лидер ја истакна цврстата поддршка за безбедноста, властите и народот на Израел“, соопшти Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека САД силно го осудуваат нападот и се „шокирани и тажни поради загубата на животи“, на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Палестински напаѓач отвори оган пред синагога во источен Ерусалим, при што уби седум лица, а рани три. Напаѓачот е убиен од полицијата.
Тоа беше најсмртоносниот палестински напад врз Израелците од 2008 година.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант издаде наредба за зајакнување на одбраната во близина на Ерусалим и еврејските населби на окупираниот Западен Брег.
Тој најави дека ќе дејствува „одлучно и насилно против теророт и ќе допре до сите вклучени во нападот“.
Поранешниот премиер на Израел, сега лидер на опозицијата Јаир Лапид го нарече „ужасен“ нападот во населбата Нева Јаков, каде што живеат еврејски верници.