Американскиот претседател Џо Бајден бара пучистите во Нигер да го ослободат соборениот претседател Мохамед Базум и неговото семејство.
– Повикувам на итно ослободување на претседателот Базум и неговото семејство и да се зачува тешко стекнатата демократија на Нигер – се вели во изјавата на американскиот претседател објавена на веб-страницата на Белата куќа.
Бајден додаде дека одбраната на основните демократски вредности е од суштинско значење за партнерството меѓу САД и Нигер.
– Во годината кога се одбележува 63-годишнината од независноста, Нигер се соочува со сериозен предизвик за својата демократија. Во овој критичен момент, Соединетите Држави стојат со народот на Нигер во чест на нашето повеќедецениско партнерство вкоренето во заедничките демократски вредности и поддршката за граѓанското управување – рече Бајден.
Тој исто така додаде дека народот на Нигер има право да ги избира своите лидери и дека граѓаните ја изразиле својата волја на слободни и фер избори.
– Тоа мора да се почитува – нагласи Бајден.
Минатата недела, да потсетиме, армијата го објави командантот на претседателската гарда Абдураман Тијани за нов шеф на државата, откако претходно го затворија Базум во претседателската палата во главниот град Ниамеј.