Двајца врвни советници на американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе се обидат да ги убедат пратениците дека е во најдобар интерес на САД да обезбедат милијарди долари за Украина и Израел и покрај огромните буџетски дефицити и поделби околу политиката на неговата администрација кон тие земји.
Државниот секретар Антони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин ќе сведочат пред Комитетот за доделување средства на Сенатот за барањето на Бајден за 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови за безбедноста на границите на Украина, Израел и САД.
Тврдејќи дека поддршката за американските партнери е од суштинско значење за националната безбедност, Бајден побара 61,4 милијарди долари за Украина, од кои приближно половина ќе бидат потрошени во Соединетите држави за обновување на резервите на оружје исцрпени од претходната поддршка за Киев.
Реализацијата на планот е неизвесна
Бајден побара уште 14,3 милијарди долари за Израел, 9 милијарди долари за хуманитарна помош, вклучително и за Израел и Газа, 13,6 милијарди долари за безбедност на американската граница, 4 милијарди долари за воена помош и владино финансирање за да се спротивстави на регионалните напори на Кина во Азија. Конгресот веќе одобри околу 113 милијарди долари за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Неизвесна е реализацијата на планот за финансирање на Бајден. Демократите, како и многу републиканци во Сенатот во кој доминираат демократите, најмногу ја поддржуваат стратегијата на Бајден да ја комбинира помошта за Украина со поддршката за Израел.
„Ова е моментот за брза и решителна акција за да се спречи понатамошна загуба на животи и да се наметнат вистински последици врз тираните кои го тероризираа народот на Украина и Израел“, изјави вчера на Универзитетот во Луисвил лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел.
Но, републиканците кои го водат Претставничкиот дом се противат на комбинирање на двете прашања. Анкетите покажуваат дека јавната поддршка за помошта за Украина се намалува, а многу републиканци, особено оние блиски до поранешниот претседател Доналд Трамп, се изјаснија против тоа.