– Американскиот претседател Џо Бајден на предизборен митнг во Сан Франциско се пошегува дека би сакал поранешниот претседател и негов противкандидат на претстојните избори Доналд Трамп да го следел сопствениот повик во времето на ковид-пандемијата и да си вбризгал малку белило како средство за борба против коронавирусот.
Говорејќи на кампањата за собирање средства во петокот, Бајден го оцени како „хаос“ претседателството на Трамп и ги повика гласачите да не го заборават тоа во пресрет на претседателските избори во ноември.
– Се сеќавате кога рече дека најдоброто нешто што треба да направите е само да си вбризгате малку белило во вашата рака? Токму така кажа. И тој го мислеше тоа. Би сакал и самиот да проба малку, рече Бајден.
Во текот на првите месеци од пандемијата Ковид-19 во 2020 година, Трамп тврдеше дека инјектирање средство за дезинфекција како што е белилото или изопропил алкохол во човечкото тело може да помогне во заштитата од вирусот.
Бајден и претходно му има забележано на неговиот републикански противкандидат за „инјектирањето белило“, шегувајќи се дека Трамп го направил тоа, но „му поминало само низ косата“.
Џо Бајден се пошегува и за, како што рече, „љубовните писма“ до Трамп од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Трамп за време на претседателскиот мандат се сретна со Ким и разменија голем број писма, од кои копии чувал во папка во Овалната соба во Белата куќа.
Меѓутоа, на вчерашниот настан, Бајден направи грешка кога зборуваше за Ким Џонг-ун, имeнувајќи го како „претседателот на Јужна Кореја“, наместо на Северна Кореја.
Засега нема коментар за шегите на Бајден од предизборниот штаб на Доналд Трамп.