Бајден ја коментираше затворската фотографија на Трамп: „Згоден човек“

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека Доналд Трамп изгледа како „згоден човек“ на фотографијата направена во затвор во Џорџија само неколку минути откако поранешниот американски претседател беше уапсен под обвинение дека се обидел да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година.

На фотографијата објавена доцна во четвртокот, Трамп (77) изгледа ненасмеано кон камерата, со избраздено чело, со стегната вилица и со црвена вратоврска цврсто заврзана.

Трамп е фотографиран безброј пати во текот на децениите, од неговите рани денови како магнат на недвижности до неговите појавувања во реално ТВ шоу до неговите бурни четири години во Белата куќа, но неговата снимка од затворот во Атланта ќе остане запишана во историјата како прва ваква фотографија на американски претседател.

Фотографијата може да стане најпозната од сите, споделена низ светот од неговите поддржувачи и противници.