Бајден ја покани Мелони да ја посети Белата куќа во јули

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во телефонски разговор ја покани италијанската премиерка Џорџа Мелони да го посети Вашингтон во јули, соопшти Белата куќа, додавајќи дека двајцата лидери разговарале и за ситуацијата во Русија.

„Претседателот Бајден ја покани премиерката Мелони да ја посети Белата куќа во јули“, се вели во соопштението, без да се прецизира дали Рим ја прифатил поканата.

Американскиот претседател и се јавил на Мелони „во рамки на неговите напори за тесна координација со своите сојузници и клучните партнери по неодамнешните настани во Русија“ и двајцата „ја потврдија својата непоколеблива поддршка за Украина“, посочуваат од Белата куќа.

Мелони и Бајден ги „координираа и подготвителните активности“ за следниот самит на НАТО, на 11 и 12 јули во Вилнус, на кој ќе треба да се одлучи за евентуално продолжување на мандатот на Норвежанецот Јенс Столтенберг на чело на Северноатлантскиот пакт.