Новиот селектор на Португалија, шпанскиот фудбалски стручњак Роберто Мартинез отворено проговори за односот со првата ѕвезда на репрезентацијата, Кристијано Роналдо.
По неуспехот на Светското првенство во Катар и очајниот настап на 38-годишниот португалски ас, многумина веруваа дека времето на Роналдо е завршено и дека тој повеќе нема да има улога во репрезентацијата.
Сепак, со доаѓањето на новиот тренер Мартинез работите драстично се сменија, Кристијано повторно блесна и покажа дека многумина прерано го отпишале.
Тој постигна дури девет гола на седум квалификациски натпревари и ја предводеше својата репрезентација на Европското првенство во Германија.
Мартинез не крие дека е воодушевен од Кристијано, истакнува дека досега не сретнал толку посветен играч и ги открива деталите од нивната прва средба.
„Запознав еден амбициозен фудбалер кој сакаше да биде во служба на репрезентацијата. Бев многу изненаден од неговата скромност“, вели Мартинез и додава:
„Никогаш не бирав имиња, сакам да ја запознаам личноста која стои зад фудбалерот што го повикувам. Се обидов да ги запознаам сите што се најдоа на списокот за Светското првенство и кога го запознав Кристијано бев изненаден“.
Мартинез истакнува дека веднаш му било јасно дека Роналдо е подготвен да даде сè за тимот.
,,Видов човек кој сакаше да биде посветен и да му служи на тимот. Нешто што не го очекувате од играч како Кристијано, кој постигна сè. За волја на вистината, бев многу изненаден од неговата скромност и неговата желба да придонесува за тимот“, вели Мартинез.
Роналдо е апсолутен светски рекордер по бројот на настапи и голови за националниот тим.
За Португалија одигра 203 натпревари и постигна 127 голови. Тој одигра 47 натпревари на големите натпреварувања и постигна 22 гола.