Бегај-Ахмети: Албанците во Македонија се одлучувачки фактор за формирање држава, поддржувачи на евроатлантскиот пат

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој е во работна посета на Северна Македонија, се сретна и со лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.

Бегај пишува на социјалните мрежи дека Албанците се одлучувачки и државотворен фактор во РСМ..

„Секогаш е задоволство да се сретнеме и да споделиме мислења со Али Ахмети. Албанците во Северна Македонија се одлучувачки фактор во градењето на државата и непоколебливи поддржувачи на евроатлантскиот пат на земјата, постојано демонстрирајќи посветеност на мирот, стабилноста, соживотот и демократските вредности“, објави Бегај.

Али Ахмети изјави дека со Бегај разговарале „со посветеност на зајакнување на односите меѓу Северна Македонија и Албанија, како и важноста на продлабочувањето на регионалната соработка во функција на стабилноста, развојот и целосната интеграција на нашиот регион во Европската Унија. Соработката меѓу нашите земји е клучна за градење мостови на разбирање, зајакнување на стратешките партнерства и давање на регионот јасна европска насока. Нашата заедничка посветеност кон европската иднина не е само политичка цел, туку и заедничка визија за одржлив мир, економски развој и перспективи за нашите граѓани“, се вели во соопштението.

Потсетуваме дека претседателот Бегај вчера се сретна со претседателката на земјата, Гордана Силјановска-Давкова, како и со неколку други политичари на културната манифестација „Охридско лето“.