Безвизно патување од 1 јануари – колку месеци важност во пасошот ви се потребни за патување во Шенген?

Веб-страницата на владата за европска интеграција на Косово сподели неколку важни информации во врска со крајниот рок за пасош за граѓаните кои сакаат да влезат во Шенген зоната по 1 јануари 2024 година, кога се очекува да се либерализираат визите.

Според оваа страница, за влез во Шенген зоната важно е граѓаните да имаат валиден пасош.

Пасошот мора да важи најмалку три месеци по планираниот датум на поаѓање од Шенген зоната.

„На пример, ако планирате да влезете во Шенген зоната на 1 март 2024 година и да изјавите на граничната полиција дека ќе останете до 15 март 2024 година, тогаш вашиот пасош мора да биде валиден најмалку до 15 јуни 2024 година, т.е. три месеци по закажаниот датум за враќање“, се наведува во соопштението.

Инаку, во последниот месец зголемен е бројот на граѓани кои пројавиле интерес за вадење пасоши. Тоа е затоа што од 1 јануари следната година граѓаните на Косово ќе можат да се движат без визи во Шенген зоната. Зголемени се барањата за пасоши и од граѓаните од северниот дел на државата.

Вкупниот број на издадени пасоши во четирите северни општини е 5.800.

Заменик генералниот директор на Агенцијата за граѓанска регистрација, Блерим Чамај, во интервју најави дека значително е зголемен бројот на баратели за пасоши на Косово.

Во меѓувреме, за граѓаните на северот, Чамај нагласува дека за пасоши поднеле илјада повеќе лица, во споредба со минатата 2022 година.

На 18 април годинава, Европскиот парламент ја одобри одлуката граѓаните на Косово да можат слободно да се движат во земјите на ЕУ од 1 јануари 2024 година.