Во затвор се бориш за опстанок, тврди легендарниот тенисер.
Поранешниот германски тениски ас Борис Бекер изјави дека морал да се спријатели со „лошите момци“ во затвор за да преживее, ветувајќи дека ќе го добие „петтиот сет од својот живот“.
Во интервју за „5 Live Breakfast“, трикратниот победник на Вимблдон изјави дека затворот е „вистинска казна“, но дека таму сфатил дека е „борец“, пренесе Дејли Мејл.
Тој одлежа осум месеци затворска казна од две и пол години за криење на имот вреден неколку милиони фунти за да избегне плаќање долгови.
Казната ја отслужи во затворите Вандсворт во Лондон и Хантеркомб во Оксфордшир, а беше ослободен во декември, кога беше депортиран во Германија.
Германецот, кој живееше во Велика Британија од 2012 година, се очекуваше да отслужи половина од казната, но беше ослободен по осум месеци и не му е дозволен влез во Британија до 2024 година.
„Тоа е вистинска казна. Замислена е да биде казна, да бидеме затворени и секој што вели дека затворскиот живот не е тежок лаже. Тоа е особено тежок живот за некој кој доаѓа од каде што доаѓам. Никогаш не сум бил затворен, па тоа беше навистина брутално, многу поинакво искуство од она што го гледате во филмовите или слушате низ приказните “, рече Бекер.
Тој додаде дека бил принуден да се спријателува со „опасни момчиња“ во затворот за да го чуваат.
„Затворот е многу опасен. Незгодно место, секој ден се борите за опстанок “, рече Бекер.