Легендарниот германски тенисер Борис Бекер уште еднаш проговори за најтешкото поглавје од својот живот – времето поминато во британски затвор, нагласувајќи дека искуството го променило од корен и го принудило повторно да се пронајде себеси како личност.
Бекер беше осуден на две и пол години затвор во април 2022 година за криење средства во вредност од 2,5 милиони фунти за да избегне отплата на долгови по прогласувањето банкрот. Сепак, тој помина само осум месеци зад решетки благодарение на британската програма што овозможува побрза депортација на странски државјани.
Во интервју за „Спортс илустрејтид“, шесткратниот шампион на Гренд слем рече дека ништо – ниту титули, ниту слава, ниту пари – не му помогнало во затворот.
– Затворот беше многу брутален. Таму бев само човек, како и сите други. Никому не му беше гајле кој сум или што сум постигнал. Ми остана само мојот лик, и тоа беше она што го држев – рече Бекер низ емоции.
Тој додаде дека токму ова искуство му помогнало повторно да се пронајде себеси:
– Кога ќе изгубиш сè – слобода, семејство, пари, куќа – сè што ти останува е твојата личност. Тоа беше мојата поддршка. Во кризи, секогаш се повлекував во моето внатрешно јас, кое беше моето засолниште.
Бекер го спореди искуството со периодот пред Вимблдон во 1986 година, кога тој минуваше низ спортска криза:
– Секогаш повеќе сум научил од поразот отколку од победата. Но, ова беше вистинска егзистенцијална криза. И како тогаш, решив да го направам она што мислев дека е исправно – и успеа.
Иако денес е слободен, на Бекер му е забранет влез во Велика Британија во следните десет години.