Бектеши: Дериватите во Македонија се квалитетни

Нафтените деривати што се користат во Северна Македонија се квалитетни според регулативата за течни горива, која е усогласена со онаа на Европската Унија. Ова денеска го истакна министерот за економија Крешник Бектеши на одбележувањето на Денот на метрологијата – 20 мај. Според министерот на овој ресор, Бирото за метрологија под чија надлежност се лабораториите за контрола на квалитет во соработка со Државниот пазарен инспекторат проверуваат дали дериватите на локалниот пазар се во рамките на одредбите на секој елемент од регулативата.

Директорот на Бирото за метрологија Абдулселам Селами истакна дека располагаат со модерна технологија, најавувајќи нови инвестиции во модернизација на лабораториите. За квалитетот на нафтените деривати, тој објасни дека има пропусти кај некои бензински пумпи, но генерално квалитетот на нафтата и мазутот го оцени како добар.

„Во добар контакт сме со европските земји, но сепак треба да инвестираме. Годинава ќе се обидеме да инвестираме во нашите лаборатории, а тоа директно ќе влијае на економијата“, рече Селами.

Според министерот Бектеши, внатрешниот пазар, односно производите, услугите и заштитата на потрошувачите се едно од најважните поглавја во Европската унија, со која започна скрининг-процесот во Северна Македонија. „Министерството за економија и Владата секогаш ќе даваат поддршка за инвестиции во Бирото за метрологија со цел да се подобрат условите и да се подобри квалитетот на сите услуги кон граѓаните и секој производ што ќе го купат во нашата земја“, рече Бектеши.

Покрај инвестициите за набавка на нови лаборатории за мазут, дизел, бензин и слично, тој предупреди дека годинава ќе инвестираат и во инструменти во делот на броилата на гас, имајќи го предвид развојот на гасоводниот систем во државата, но и преку системите за поврзување и со соседството. „Министерството за економија и Владата секогаш ќе го поддржуваат раководството на Бирото за метрологија за подобрување на овие услуги во насока на подобрување на квалитетот на сите услуги и на секој производ што граѓаните го купуваат во нашата земја“, нагласи Бектеши.

Тој изрази убедување дека преку соработка со научната заедница, државата ќе има одлични преговори за поглавјето на ЕУ за внатрешниот пазар, а најважно од се, како што нагласи, е дека ќе ги заштитат потрошувачите и граѓаните во квалитет. .

Овогодинешната тема на Светскиот ден на метрологијата е „Мерења кои го поддржуваат глобалниот систем на храна“, избрана поради предизвиците зголемени од климатските промени и глобалната дистрибуција на храна во светот. Метрологијата е наука за мерењето, односно го означува влијанието на мерењето во секојдневниот живот. Точните и конзистентни мерења овозможуваат фер трговија, гарантираат квалитет во производството и ја поддржуваат иновативноста. Точните мерења се функција на безбедноста, здравјето и квалитетот на животот.