Од постојниот гасовод со Бугарија треба да се ослободи проток од уште околу 200 милиони нормални кубни метри природен гас за земјава да ги задоволи сите потреби без да користи руски гас, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Првпат откако е ставен во функција со актуелната Влада се ослободени количини во делот на гасоводот што го имаме со Република Бугарија. Капацитетот од 800 милиони нормални кубни метри што ги имаше гасоводот претходната година ги зголемивме со дополнителни 180 милиони кои не се закупени од страна на Гаспром. За топланите и за дел од индустријата новите 180 милиони се доволни, но имајќи ја во превид потрошувачката на цела држава сметам дека е нефер пристапот од бугарската страна да воведе такса од 10 евра за транспорт на руски гас ако на руската компанија Гаспром и ги има дадено под закуп тие 800 милиони нормални кубни метри до 2030 година, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Пивара Скопје заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
Нагласи дека најголем потрошувач на гас во државата е когенеративната електрана ТЕ-ТО која произведува електрична и топлинска енергија и која за тоа користи гас кој е под закуп од страна на Гаспром.
-Граѓаните треба да бидат спокојни за топланите и за дел на индустријата веќе од претходната година ги обезбедивме потребните количини гас кај кои нема да има влијание таксата од 10 евра. Но, ако има потреба да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО тогаш би можело да има влијание, рече Бектеши.
Истакна дека вкупната потрошувачка на природен гас во земјава е околу 400 милиони нормални кубни метри годишно.
-Ние речиси половина ги ослободивме, а другата половина мора да биде снабдувана од страна на Гаспром или со дозвола на Гаспром да се користи гасоводот од други снабдувачи на што ние немаме никакво влијание, бидејќи закупот на гасоводот и договорите се направени со Бугарија, прецизира Бектеши.
Посочи дека преку веќе ослободените капацитети на гасоводот се снабдуваме со азербејџански природен гас и ЛНГ гас од САД и од некои други земји кој доаѓа од терминалите во Турција и Грција.
-Ако се ослободат уште дополнителни 200 милиони нормални кубни метри тогаш земјава ќе има нула потрошувачка на руски гас што најверојатно ќе оди на штета на некои од сегашните снабдувачи, но ќе биде во интерес на државата. Снабдувачот кој има директен договор со Гаспром веќе почна да ја зголемува цената со вкалкулирани 10 евра за транспорт низ Бугарија, рече Бектеши.
Во државата, како што кажа има два снабдувача кои користат само руски гас од кои едниот е фирма сестра на ТЕ-ТО, а другиот е македонска фирма и тие веќе стануваат неконкурентни на пазарот за снабдување со природен гас во земјава.