– Американскиот претседател Џо Бајден е негативен на тестот за Ковид-19, но ќе носи маска во затворен простор и кога е во близина на други, еден ден откако првата дама Џил Бајден излезе позитивна на тестот за вирусот, соопшти Белата куќа.
„Џил на тестот за Ковид-19 што го направи во понеделникот вечерта беше позитивна, има благи симптоми и ќе остане во Делавер цела недела“, рече портпаролката Карин Жан-Пјер на брифингот за новинарите.
Таа истана дека американскиот претседател бил негативен на Ковид-19 во понеделникот вечерта и повторно бил негативен вчера, додавајќи дека тој нема никакви симптоми.
„Бидејќи претседателот беше со првата дама, тој ќе носи маска кога е во затворен простор и околу луѓе во согласност со упатствата на ЦДЦ (Центрите за контрола и превенција на болести).“
„И како што беше практика во минатото, претседателот ќе ја тргне маската кога е доволно оддалечен од другите во затворен простор и додека е надвор“, додаде Жан-Пјер.
„Упатствата на ЦДЦ“, истакна таа, „препорачуваат комбинација на носење маска, тестирање и следење на симптомите.“
„Претседателот го прави сето тоа во блиска консултација со својот лекар“, нагласи портпаролката.