Белата куќа: Ни снема пари и време да и помогнеме на Украина

Функционерката на Белата куќа Шаланда Јанг денеска во писмо до претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерите на Конгресот предупреди дека на САД им снемува време и пари да и помогнат на Украина во војната со Русија.

Во октомври, администрацијата на претседателот Џо Бајден побара од Конгресот речиси 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови за безбедноста на границите на Украина, Израел и САД.

Претставничкиот дом е тесно контролиран од републиканците, кои сметаат дека финансирањето на Украина станало политички контроверзно, пишува Телеграф.

Во писмото објавено од Белата куќа, Јанг истакна дека прекинот на финансирањето и испораката на оружје за Украина може да ја зголеми веројатноста за руска победа.

„Сакам да бидам јасна: без акција од Конгресот, до крајот на годината остануваме без ресурси за да купиме повеќе оружје и опрема за Украина, како и да купиме опрема од залихите на американската војска“, напиша таа.

„Нема магичен фонд со средствата на располагање во моментов. Немаме пари и речиси без време“, беше речено меѓу другото.

„До средината на ноември, американското Министерство за одбрана искористи 97 отсто од дополнителните 62,3 милијарди долари што ги доби, додека Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари од воената помош доделени за него“, напиша Јанг.

За економска помош се потрошени околу 27,2 милијарди долари, а за хуманитарна помош уште десет милијарди.