Бела куќа: Администрацијата на Трамп нема да го прифати барањето на францускиот политичар за враќање на Статуата на слободата на Франција

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нема да го прифати барањето на француски политичар за враќање на Статуата на слободата на Франција, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

„Мојот совет до тој помлад француски политичар би бил да се потсети дека Французите во моментов не зборуваат германски само поради САД. Тие треба да ни бидат благодарни за тоа“, рече Левит на прес-конференција, пренесува Politico.

Нејзината изјава доаѓа еден ден откако францускиот член на Европскиот парламент Рафаел Гликман на партиска конвенција рече дека Америка под администрацијата на Трамп повеќе не го отелотворува духот на тој споменик, кој Франција им го подари на САД кон крајот на 19 век.

„Ќе им кажеме на Американците кои избраа да застанат на страната на тиранинот и кои отпуштија истражувачи поради барање научна слобода: вратете ни ја Статуата на слободата“, рече Гликсман.

Министерството за здравство и човечки услуги на САД отпушти илјадници научници од почетокот на втората администрација на Трамп и ги намали грантови за истражување низ целата земја, иако експертите предупредија дека тоа може да ги уништи истражувачките институти кои се потпираат на тие средства за одржување и секојдневно работење.

Нејасно е како Франција би ја принудила администрацијата на Трамп да ја врати Статуата на слободата, која е во сопственост на американската влада, а евентуалното формално барање од Париз секако дополнително би ги зголемило дипломатските тензии, кои францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да ги намали во односот со Трамп.