Белгиската министерка Генез: „Време е за економски санкции и ембарго на оружје за Израел“

– Белгиската министерка за развој Каролин Генез денес повика на воведување „економски санкции и ембарго на оружје“ за Израел, откако десетици луѓе беа убиени во израелскиот воздушен напад врз бегалски камп во центарот на Газа..

„Уште еднаш, невините деца се жртви на безмилосно насилство. Ова не може да се оправда. Меѓународниот притисок врз израелската Влада мора да се засили: време е за економски санкции и ембарго на оружје“, изјави Генез на социјалната мрежа X.

Таа предупреди дека „насилството води само до поголемо насилство“.

Најмалку 39 Палестинци беа убиени денес во напад на израелските авиони врз училиште во кое привремено беа сместени илјадници раселени лица во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.

Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, оттогаш во Газа се убиени повеќе од 36.580 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а повеќе од 83.000 се повредени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што засолниште од војната побараа повеќе од еден милион Палестинци.