Во понеделникот студентите во блокадата во Србија се оградија од екстремистичките организации и националистичките симболи кои се појавија претходниот ден на протестот пред Уставниот суд во Белград.
Присуството на нивните знамиња и транспаренти во првите редови на протестот не е во согласност со нашите вредности и цели“, се вели во соопштението, пренесува Радио Слободна Европа.
Некои од учесниците на протестот носеа и знамиња со симболите на БиХ, Република Српска, како и транспаренти со натпис „Не се предаваме“ и нацртана карта на Косово, чија независност српската влада не ја признава.
Во соопштението студентите потенцираат дека блокадите немаат идеолошка агенда.
„Не поддржуваме никакви форми на сепаратизам или поларизација во општеството. Наша единствена цел е исполнување на конкретните барања за кои влеговме во блокадите“, велат студентите.
Тие ги повикаа сите учесници и поддржувачи да се фокусираат на заедничките цели и да се воздржат од истакнување симболи кои можат да доведат до поделба.
На повикот на студентите кои ги блокираа факултетите, десетици илјади демонстранти протестираа на 12 јануари пред Уставниот суд во Белград.
Во текот на изминатиот месец и половина во Србија беа блокирани повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети.
На блокадите на факултетот претходеа протести кои почнаа со барање да се утврди политичка и кривична одговорност за несреќата во Нови Сад, каде што 15 лица загинаа, а двајца тешко беа повредени при падот на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември.