Апелацискиот специјален суд за корупција и организиран криминал на Албанија одлучи уапсениот градоначалник на општина Химара, Јужна Албанија, Фреди Белери, да остане во притвор, јавија албанските медиуми.
На денешната расправа одржана по барање на адвокатите на Белери да биде ослободен од притвор за да даде заклетва на функцијата градоначалник присуствувала и грчката амбасадорка во Тирана, како и неколку грчки адвокати.
Белери, кој е етнички Грк, беше уапсен на 12 мај под обвинение за соучесништво во активна корупција за време на кампањата за локалните избори во Албанија, а два дена подоцна од затвор беше реизбран за градоначалник.
Тој и неговиот наводен соучесник Пандели Кокавеши се обвинети за активна корупција за време на избори.
Специјализираното обвинителство против корупција и организиран криминал на Албанија (СПАК) го обвинува Фреди Белери дека дал 40 илјади албански леки (близу 400 евра) на осум лица за да гласаат за него на локалните избори во Албанија на 14 мај.
Белери побарал полесна забрана за задржување, но неговото барање шест пати било одбиено од сите судски инстанци.
Неговиот притвор доведе до тензии со официјална Атина, која ја обвинува албанската влада дека го држи во затвор избраниот градоначалник на Химара поради политички причини за да го спречи да положи заклетва како градоначалник.
Грција со ослободувањето на Белери ја услови евроинтеграцијата на Албанија.
Албанските власти, меѓу нив и премиерот Еди Рама редовно возвраќаат дека тоа не е прашање на владата туку на правдата, која во земјата е независна.