– Белоруската државна телевизија денеска јави дека властите во земјата испратиле неодамна пристигната група деца од окупираните делови на Украина на заедничка обука со белоруската армија.
Официјална Украина, како и белоруската опозиција, тврдат дека Белорусија, која е сојузник на Москва, е вмешана во нелегалното префрлање на голем број украински деца во Белорусија, нешто што критичарите на тамошните власти го нарекоа индоктринација – да бидат проруски ориентирани.
Во денешниот извештај се наведува бројка од 35 деца од украинскиот град Антратсит, кој е под руска контрола, кои биле испратени во градот Моглиев во источна Белорусија.
Белоруската државна телевизија јави дека децата биле сместени во локален санаториум и за нив се грижат вработени во Министерството за вонредни ситуации.
Во телевизискиот извештај се вели дека војската „ги учи децата како да се однесуваат во екстремни ситуации“.
Во прилогот се прикажани украински деца со руски знамиња зашиени на нивните ракави.
Повеќе од 2.400 украински деца на возраст меѓу 6 и 17 години биле донесени во Белорусија од четири украински региони делумно окупирани од руските војници, според една неодамнешна студија на Универзитетот Јеил во САД.
Украинските власти претходно соопштија дека ја истражуваат депортацијата на децата како можен чин на геноцид, а украинскиот државен обвинител рече дека и Белорусија е под истрага за наводно принудно подведување на повеќе од 19.000 деца од окупирана Украина.
Поранешниот белоруски министер за култура Павел Латушка, кој премина на страната на опозицијата и поднесе докази до Меѓународниот суд на правдата за вмешаноста на владата на Лукашенко во депортацијата на децата, рече дека „Белоруските власти не го кријат фактот дека децата се индоктринирани“.
Според него, украинските деца се „индоктринирани да станат проруски настроени“.
Според Латушка, има примери кога украински деца биле однесени во Белорусија, а потоа во Русија, каде што биле дадени на посвојување.
Во март минатата година, МКС издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и неговата омбудсманка за права на децата Марија Лвова-Белова, обвинувајќи ги за воени злосторства за незаконско депортирање и пренесување деца од Украина во Русија.
Официјална Москва ги отфрла сите овие обвинувања.
Белорусија е еден од најблиските сојузници на Москва од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, кога белорускиот претседател Александар Лукашенко му дозволи на Кремљ да ја користи Белорусија за да ја нападне Украина, а Русија исто така стационираше дел од своето тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.