Шпанската полиција уапси две лица поврзани со продажба на егзотични диви мачки на Интернет.
Полицијата заплени 19 животни, меѓу кои еден каракал и два сервали, во операција во градот Манакор на островот Мајорка, соопшти Цивилната гарда.
Пронајдени се повеќе од 40 неважечки пасоши за животни од земји како Русија, Белорусија и Кина.
Операцијата започна во март минатата година кога Цивилната гарда добила информација дека брачен пар во Палма де Мајорка одгледувал сервали, каракали и хибриди со домашни мачки за да ги продаваат на социјалните мрежи.
Наводно, осомничените понудиле да продаваат бели тигри, облачни леопарди – за што барале 60.000 евра – шумски рисови, хиени, црни леопарди и пуми.
Обидите за одгледување и поседување на овој вид мачки како домашни миленици се широко распространети во Русија и Украина, но овој тренд почна да се имитира и од други земји.
Животните ќе бидат префрлени во центар за спасување и рехабилитација на егзотични цицачи во Аликанте, источна Шпанија.