Деветтооделенката Бениса Зеќири од ООУ ,,Јосип Броз Тито” – с. Жировница, Општина Маврово и Ростуше го освои третото место на 57. Детски Рацинови средби кои се одржаа минатата сабота во Велес.
Имено, таа првпат учествувала на оваа Манифестација. Нејзината поетска творба ,,Мене и душата ми е црвена” посветена на неповторливиот Кочо Рацин ги освои симпатиите на жири – комисијата и беше наградена со трета награда односно бронѕен медал. Нејзин ментор беше професор Рамазан Раманоски.
Наградената ученичка Бениса Зеќири за порталот vocentar.com изјави:
,,,Мојот интерес за пишување поезија се роди пред неколку години. Минатата и оваа година почувствував дека освен љубовта кон медицината и природните науки, посилна во мене е и љубовта кон поезијата. Два важни датуми во мојот живот кои ќе останат длабоко во моето сеќавање: Престижната награда во Ресен минатата година и освоеното трето место на 57. Детски Рацинови средби во Велес, оваа година. Чувствувам дека со текот на времето станувам сè поактивна и ми причинува задоволство да го претставувам училиштето на општинско и републичко ниво.
Нестрплива сум да ја подигнам оваа желба на уште повисоко ниво, стремејќи се секогаш да го збогатам мојот живот со нови настани и искуства. Но успехот никогаш не е од поединец, туку е труд на повеќе наставници а особена благодарност до мојот наставник и ментор Рамазан Раманоски за неговот професионален и личен придонес за овие мои награди.”
,,Навистина ми претставува чест и задоволство што бевме дел од 57. Детски Рацинови средби а среќата е уште поголема и кога ќе се освои награда. Да се твори за Рацин значи да се навлезе и да се опише еден период од македонската историја кој сведочи за маките, страдањата и угнетувањата кои ги преживеал македонскиот народ. Рацин е доказ дека никогаш не треба да се откажуваме и предаваме туку напротив, да се живее и да се твори за своите идеали, за својата Македонија. Радува фактот што таа желба за проучување и творење за македонската историјата се раѓа и кај младите генерации така што, преку поезија или пак друга уметност успеваме да го доловиме тој историски момент. Горд сум што сум ментор на еден таков ученик кој умее на уметнички начин да ,,оживее” значајна македонска историска личност и да опише и да долови еден значаен период од македонската историја”, изјави професор Рамазан Раманоски, ментор на ученичката Бениса Зеќири.