Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во средата изјави дека неговата земја се подготвува за копнена офанзива во Појасот Газа и вети дека „скандалот“ на 7. октомври ќе биде предмет на темелна истрага по завршувањето на војната. Во таа прилика тој го цитираше и Стариот Завет од Библијата, поконкретно зборовите на пророкот Исаија.
„Се подготвуваме за копнена инвазија на Појасот Газа“, кажа Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција, додавајќи дека времето за офанзивата ќе го одреди воената Влада, без да даде дополнителни детали.
„Веќе убивме илјадници терористи и ова е само почеток. Во исто време се подготвуваме за копнена инвазија. Нема да елаборирам кога, како и колку. Исто така, нема да елаборирам за различните пресметки што ги правиме, а кои јавноста генерално не се запознаени и така треба да биде“, вели Бенјамин Нетанјаху.
Тој порача дека операцијата има две цели: да се уништат можностите на палестинската група Хамас и да се направи се што е можно за ослободување на заложниците.
„Сите членови на Хамас ќе умрат над и под земја, внатре и надвор од Појасот Газа… Сега е време да се обединиме за една цел: да брзаме напред кон победата“, вели Бенјамин Нетанјаху, зборувајќи за напредокот со плановите на Израел против групата Хамас во Појасот Газа.
Потоа Бенјамин Нетанјаху се сврти кон пророштвото.
„Ние сме луѓе на светлината, тие се луѓе на темнината – и светлината ќе ја победи темнината… Со заеднички сили, со длабока вера во правдата на нашата кауза и во вечноста на Израел, ќе го исполниме пророштвото на Исаија. Нема да се слуша повеќе насилство во нашата земја, пустош или уништување во нашите граници; но нашите ѕидови ќе ги наречете спасение и нашите порти пофалба“, порача Бенјамин Нетанјаху, користејќи цитати од Стариот Завет – Исаија 60:18.
„Заедно ја исполнуваме борбата и заедно ќе победиме“, заклучи Бенјамин Нетанјаху.