Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, одговарајќи на повикот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, до Израел да престане да убива жени и бебиња во Појасот Газа, кажа дека „сите земји треба да го осудат Хамас, а не Израел“.
Според Бенјамин Нетанјаху, израелската Армија се обидува да ги отстрани цивилите од конфликтот, додека палестинската милитантна група ги користи како жив штит, пренесува BBC.
Бенјамин Нетанјаху предупреди дека злосторствата што сега ги прави Хамас во Појасот Газа ќе бидат извршени утре во, како што наведе, Париз, Њујорк и во целиот свет.
Емануел Макрон синоќа за BBC изјави дека Израел мора да престане да убива бебиња и жени во Појасот Газа, велејќи дека „нема оправдување“ за бомбардирањето и дека прекинот на огнот ќе биде од корист за Израел.
„Иако го признаваме правото на Израел да се заштити, ги повикуваме да го прекинат ова бомбардирање во Појасот Газа“, порача Емануел Макрон и посочи дека Франција јасно ги осудува терористичките акции на палестинската група Хамас.
„Ја споделуваме болката на Израел. И ние ја споделуваме нивната подготвеност да се ослободат од тероризмот. Знаеме што значи тероризам во Франција. Но, нема оправдување за тековните бомбардирања на цивили во Појасот Газа“, нагласи францускиот претседател.
На прашањето дали сака другите лидери, вклучително и САД и Велика Британија, да се приклучат на неговите повици за прекин на огнот, Еманеул Макрон одговори дека „се надева дека ќе го направат тоа“.
Говорејќи еден ден по конференцијата во Париз за војната во Појасот Газа, Емануел Макрон даде „јасен заклучок“ на сите влади и агенции кои присуствуваа на самитот дека нема друго решение освен пауза и прекин на огнот што ќе им овозможи на сите да бидат заштитени.