– Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се расправаа за време на состанокот во Ерусалим околу прашањето за хуманитарната помош во Појасот Газа, јавија денеска германските медиуми.
Бербок и Нетанјаху се расправаа околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху на Бербок и покажа фотографии кои наводно потекнуваат од северниот дел на Газа и каде наводно има најголемата хуманитарна криза, на кои се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.
На ова, Бербок од својот мобилен телефон покажа фотографии на кои се гледаат прегладнети деца од крајбрежниот подрачје на Газа и рече дека фотографиите што ги покажа Нетанјаху не одговараат на вистината.
Израелскиот премиер, како што наведува израелската ТВ станица Канал 13, рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи со тоа на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои во 1942 година сугерираа изобилство и добри услови за живот во Варшавското гето.
Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани полни пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош.
Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го отсликуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.
Според тие информации, Бербок, која во Израел престојуваше завчера за да укаже на лошата хуманитарна ситуација во Појасот Газа и да се избори за повеќе помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на целокупната слика за состојбата на цивилите во Газа.