Берлин ќе го добие својот прв конзервативен градоначалник по повеќе од две децении, откако демохристијаните (ЦДУ) во градската власт денеска го претставија коалицискиот договор со Социјалдемократите.
Станува збор за лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Берлин Каи Вегнер. Според коалицискиот договор што денеска го претставија двете партии, тој ќе владее заедно со социјалдемократите, кои досега беа на власт во германската престолнина.
Договорот го објавија Вегнер и поранешната социјалдемократска градоначалничка Франциска Гифаи, седум недели по убедливата победа на ЦДУ на локалните избори.
На овие избори демохристијаните добија 28,2 отсто од гласовите. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц добија 18,4 отсто од гласовите, што е нивниот најслаб резултат во Берлин од крајот на Втората светска војна.
Изборните резултати ѝ дадоа на германската Социјалдемократска партија улога на помал партнер во новата берлинска влада.
Вегнер ќе биде првиот конзервативен градоначалник на Берлин по Еберхард Дипген (1991-2001).