– Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска е во дводневна работна посета на Брисел каде ќе учествува на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.
Како што соопштија од Министерството за финансии, Бесими во рамки на дијалогот ќе ги претстави реформите што се спроведени и политиките што се преземаат. Најавено е дека ќе бидат усвоени заеднички заклучоци што ќе бидат насока за политиките во наредниот период и кои ќе бидат составен дел на документите што се носат од страна на Владата и ќе се земат предвид при подготовката на наредната Програма за економски реформи за периодот 2024-2026 година.
– Програмата за економски реформи е најважен документ во овој дијалог со ЕК. Таа е среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и детален приказ на структурните реформи за раст на конкуреноста на економијата и креирањето работни места, се наведува во соопштението од МФ.
На годишниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат претставници на земјите-членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција. Во рамки на дијалогот во Брисел ќе се дискутира за фискалната политика, макроекономската стабилност, поттикнувањето на економскиот раст, создавањето нови работни места, структурните реформи за опоравување од кризата и воедно, јакнење на отпорноста на економиите, како и социјалната политика.
Во рамки на посетата министерот за финансии Бесими во Брисел ќе се обрати пред Европскиот центар за политики на тема „Војната и импликациите врз Балканот „Перспективите на Северна Македонија“.