Градскиот совет во Киев може да именува улица по нацистичкиот соработник и член на СС, Володимир Кубијович, пишува Jerusalem Post. Истиот весник ја пренесува загриженоста на Едуард Долински, директор на Украинскиот еврејски комитет. Според Долински, улица во главниот град на Украина ќе биде преименувана по предлогот усвоен од градскиот совет и ќе го носи името на Володимир Кубијович. Инаку, Кубијович бил вклучен во формирањето на озлогласената единица Вафен СС Гализиен, нацистичка воена сила опремена со украински доброволци, за време на Холокаустот.
Говорејќи за The Jerusalem Post, Долински објасни дека историската експертска комисија при Градскиот совет на Киев претставила неколку опции за преименување на денешната улица Пржевалски во Киев, пренесува Јутарњи лист.
Градскиот совет ги стави имињата предложени од историската комисија на јавно гласање за апликацијата Kyiv Digital, каде гласањето ќе остане отворено до 16 април.
Опцијата за преименување на улицата по Володимир Кубијович досега доби мнозинство, со 31 отсто од гласовите, додека втората и третата по големина опција добија само 18, односно 10 отсто од гласовите.
За време на војната, во 1943 година, Кубијович презеде клучна улога во формирањето на Waffen-SS Galizien и јавно ја објави својата подготвеност да земе оружје и да се бори за нацистичката кауза.
Откако Црвената армија се приближила до Полска во 1944 година, Кубијович побегнал во Германија, а потоа во Франција. Кубијович почина во Париз во 1985 година, а многумина во Украина сè уште го препознаваат како истакнат и важен украински научник, и покрај неговото нацистичко минато.
Ако една улица во Киев навистина биде именувана по него, тоа нема да биде прв пат Украина да одлучи да му оддаде почит на Кубијович. Во 2000 година, украинската поштенска служба издаде поштенска марка во спомен на 100-годишнината од неговото раѓање, а плоча во спомен на нацистичкиот функционер сè уште стои во украинскиот град Лавов.