Кога генерацијата од деведесеттите години на минатиот век, која ја следеше музичката сцена, ќе го спомене името на Никола Костиќ – ретко кој знае за кого се работи. Но, кога ќе кажеш Лимен, нема некој што не го познава.
Важеше за голема ѕвезда од тоа време, снимаше албуми, имаше настапи и добро заработуваше. Луѓето го сакаа, но одеднаш сè тргна наопаку. Во екот на славата овој музичар од Нови Сад исчезна од сцената. Но, тој не само што се откажа од музиката, ги спакува куферите и ја напушти Србија.
Животот го продолжил во Лондон, но не било сè како што замислувал. Кога отишол во Велика Британија, верувал дека и таму ќе може да живее од музиката. Но, тој не бил во право. На крајот завршил како сликар.
– Почнав да опстојам во Лондон под мотото „најди си го патот“. Аплицирав за дозвола да останам како уметник и ја добив. Се обидов да го работам тоа што го работев во Србија, свирев со бенд и од моето искуство со нив разбрав дека нема да успее. Немав пари, бев доста стар, не бев Англичанец, не припаѓав на население кое патот во Америка му беше трасиран – изјави еднаш за порталот Мојновисад.
Лимен немал начин како да заработува, па почнал да работи како занаетчија.
– Животот ме однесе на другата страна, завршив со сликање и потоа ме убедија да се вратам овде и да снимам уште еден албум „Лиманија“. Сè уште експериментирав, но постоењето не можеше да се заокружи со таа приказна – додаде тогаш Ли Мен.
Неговиот живот во Англија не траел долго. Се вратил во својот Нови Сад, го сменил името во Никилиман и почнал да настапува како диџеј во пабови и водител на квизови.
– Областите се горе-долу веќе познати, барем онака како што јас го правам квизот. Има од осум до десет прашања од секое поле, а тие можат да бидат општо знаење, музика, филм, историја, литература, географија, флора и фауна, хемија, физика… Прашањата мора секогаш да бидат различни или да звучат различно, бидејќи има многу тимови кои одат од еден квиз во друг, па не смеам да ги повторувам прашањата. Среќен сум што имам Гугл, Википедија и дневниот печат. Мојата сопруга исто така често работи со мене – објасни тој во интервју за Орадио.
Првиот настап Лимен го имаше во 1989 година на Заечарска Гитаријада, но поголем успех постигна дури во 1995 година кога го смени уметничкото име. Неговиот најголем хит е песната „Земјотрес, урнебесно“ од албумот „Pannonian Lover“ од 1996 година, која ја отпеа заедно со групата Montenigers и пејачот Били Кинг.
Со специфичен имиџ, ќелав со опашка на задниот дел од главата, со духовити текстови и специфичен, хумористичен начин на пеење, брзо ги освои срцата на публиката.
Сними уште неколку албуми, последниот пред 13 години. Учествуваше и во реалното шоу „Фарма“ а соработуваше и со пејачката Ксенија Мијатовиќ.