Поранешната грчка потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, по четири месеци е ослободена од затвор и пуштена во домашен притвор.
„Ќерка ми ме чека, многу сум среќна што наскоро ќе бидам со неа“, изјави Каили, која е должна да носи електронска нараквица, преку прозорецот на автомобилот што ја носеше дома, јави новинската агенција АНСА, пренесе ТРТ Балкан.
„Ќе зборуваме наскоро“, додаде таа.
Ослободувањето на Каили беше одлучено во средата.
ЕУ беше потресена од еден од најголемите корупциски скандали во нејзината историја, откако Каили, грчка европратеничка, беше уапсена на 9 декември од белгиската полиција под обвинение за корупција.
Каили (44) од грчката централно-левичарска партија ПАСОК-КИНАЛ и еден од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент, беше уапсена откако беше претресен нејзиниот дом поради обвиненија за корупција во кои наводно е поврзан Катар, кој беше обвинет дека ѝ плаќал на Каили да лобира за интересите на државата од Персискиот Залив.
Белгиската полиција при претреси на неколку домови и канцеларии заплени 1,5 милиони евра во готовина. Покрај тоа, одземени се и парламентарните компјутери за заштита на важните податоци.
Меѓу приведените заедно со Каили беа и италијанскиот европратеник Пјер Антонио Панцери, партнерот на Каили, Франческо Џорџи, кој работеше како помошник во Европскиот парламент, и Николо Фига-Таламанка, директор на невладината организација која работи на владеење на правото.