Бизнисменката Хала Томасдотир победи на претседателските избори во Исланд.
Како што јави АП, Томасдотир победи со 34,3 отсто од гласовите пред поранешната премиерка Катрин Јакобсдотир, која имаше 25,2 отсто и Хала Хрунд Логадотир, која имаше 15,5 отсто.
Томасдотир ќе го замени претседателот Гудни Т. Јоханесон кој по два четиригодишни мандати не сакаше повторно да се кандидира на изборите. Новиот претседател на Исланд официјално ќе ја преземе функцијата на 1 август.
Исланд има околу 384.000 луѓе и долга традиција на назначување жени на водечки позиции во земјата. Вигдис Финбогадотир беше првиот демократски избран претседател на земјата. Таа победи на изборите во 1980 година.
Функцијата премиер ја имаа и жените. Јохана Сигурдардотир беше на чело на исландската влада од 2009 до 2013 година, по светската економска криза. Јакобсдотир стана премиер во 2017 година, а во април поднесе оставка за да учествува на претседателските избори.
Томасдотир првпат се појави во очите на јавноста за време на финансиската криза, како ко-основач на Audur Capital, една од ретките исландски инвестициски фирми кои ја преживеаја економската криза.