Бил Гејтс објави кому ќе донира 107 милијарди долари

Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ќе го донира речиси целото преостанато богатство на Фондацијата „Гејтс“, која ќе престане со работа во 2045 година, многу порано од претходно планираното. Според проценките, станува збор за имот вреден околу 107 милијарди долари.

Донацијата се смета за една од најголемите филантропски иницијативи во историјата, а средствата на Гејтс ќе бидат донирани постепено, што ќе ѝ овозможи на фондацијата да потроши дополнителни 200 милијарди долари во текот на следните две децении, објави Асошиејтед Прес.

Гејтс верува дека инвестирањето на неговото богатство ќе спаси и подобри животи на многумина, и дека ефектите ќе траат дури и откако фондацијата, која со години е лидер меѓу глобалните филантропски организации, ќе престане да работи. Досега, тие потрошиле повеќе од 100 милијарди долари за научни истражувања.

„Возбудливо е да имаме толку многу ресурси што можеме да ги насочиме кон овие цели“, рече Гејтс.

Фондацијата игра клучна улога во обликувањето на глобалната здравствена политика, особено кога станува збор за фармацевтските компании, за намалување на трошоците за лекување и обезбедување пристап до лекови за земјите со ниски и средни приходи.

Иако во претходните години се соочи со многу критики и беше поврзан со многу теории на заговор, Гејтс истакнува дека, како и секој поединец, има право да одлучи како ќе ги троши своите пари и сака да ги насочи кон намалување на смртноста кај децата.

„Дали е тоа лошо? Не е ли тоа вредна цел? Луѓето можат да критикуваат, но ние ќе продолжиме да се држиме до нашата работа за глобалното здравје“, заклучи тој.