Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе во светот и креаторот на софтверскиот гигант Мајкрософт, тврди дека има само еден начин да откриете дали навистина разбирате некоја тема.
Милијардерот неодамна призна дека е страстен вљубеник во математиката, но дека се сомневал во своето знаење кога се обидувал да им објасни математички поими на своите деца кога биле ученици и тоа не било секогаш успешно.
„Учењето со децата и гледањето што ги збунува, а што им е лесно, тоа е еден вид ултимативен тест дали знаете некоја тема – дали можете да ја објасните“, рекол Бил Гејтс.
Според експертите, има причина зошто наставниците често бараат од учениците да одржат презентации на тема за да го покажат своето разбирање: луѓето имаат поголема веројатност да ги запомнат и разберат научените концепти откако ќе му ги објаснат на некој друг, па дури и на самите себе, покажуваат психолошките студии. Ова значи дека можете да го тестирате вашето знаење за некоја тема едноставно обидувајќи се да му објасните на пријател, за да видите колку информации сте задржале и колку добро ја разбирате темата. Ако тие успешно учат од вас, тоа е добар знак дека сте на вистинскиот пат.
Бил Гејтс забележал дека додека бил одличен по математика како средношколец, имал проблем да го пренесе тоа знаење и ентузијазам на своите три деца.
„Обожавам да правам математика, но мојата помала ќерка секогаш ми велеше: ‘Ти го направи тоа толку комплицирано, ‘Не мораше ова да ми го објаснуваш за да ги добиеш одговорите’, ‘Можеше да го објасниш ова и пред 10 минути’, ‘Зошто го помина целиот тој процес на објаснување без причина’ и слично. Сакаше само едноставен одговор“, открил тој.
Денес, децата на Бил Гејтс се во своите 20-ти години од животот. Иако можеби не уживале во неговите часови по математика, тој сè уште верува дека неговите туторски сесии биле одлично искуство, бидејќи ја зајакнале неговата страст за математика.
„Еден од омилените предмети ми беше математичка анализа, односно виша математика. Тоа се некои многу тешки концепти. Мора да им објасните зошто е толку важно и зошто ги имаат тие смешни симболи. Тоа е лудо. Веројатно тоа е она во што најмногу уживам“, заклучил милијардерот.