Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, најави дека во следните 20 години, поголемиот дел од своето богатство, кое се проценува на околу 200 милијарди долари, ќе го насочи кон подобрување на здравствениот систем и образованието на африканскиот континент.
Зборувајќи на самитот на Африканската унија во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, Гејтс истакна дека неговата цел е „да го отклучи човечкиот потенцијал преку здравството и образованието“, така што сите африкански земји ќе добијат шанса за развој и просперитет.
„Тукушто се обврзав да го дадам речиси целото мое богатство во текот на следните две децении. Огромен дел од тие средства ќе бидат наменети за решавање на проблемите со кои се соочуваат африканските заедници“, рече Гејтс, додавајќи дека планира да ја затвори својата фондација до 2045 година.
Повик до младите луѓе да ја користат вештачката интелигенција во корист на општеството
Гејтс ги повика младите иноватори во Африка да го искористат потенцијалот на вештачката интелигенција (ВИ) за подобрување на здравствените услуги на континентот.
„Африка веќе покажа дека може да прескокне одредени фази од развојот, како што беше случајот со традиционалното банкарство. Сега имате можност да изградите модерни здравствени системи во кои вештачката интелигенција ќе биде интегрирана од самиот почеток“, рече Гејтс, наведувајќи ја Руанда како пример каде што вештачката интелигенција се користи за рано откривање на компликации во бременоста со помош на ултразвук.
Неговата фондација особено ја нагласува важноста на намалувањето на смртноста кај мајките и новороденчињата, борбата против заразните болести и извлекувањето на милиони луѓе од екстремна сиромаштија.
Трансформација во време на криза
Граса Машел, поранешната прва дама на Мозамбик, ја поздрави одлуката на Бил Гејтс, нагласувајќи дека таа доаѓа во клучен момент за Африка. „Оваа објава доаѓа во време кога се соочуваме со многу предизвици. Се надеваме дека г-дин Гејтс ќе остане со нас на овојпат на трансформација“, рече таа.
Соопштението доаѓа во контекст на намалување на средствата за помош на Африка од страна на Соединетите Американски Држави, особено за време на периодот на администрацијата на Доналд Трамп, чија политика „Америка на прво место“ вклучува намалувања на програмите за лекување на ХИВ, што предизвикува дополнителна загриженост за иднината на здравствената заштита на континентот.
Гејтс истакна дека неговата фондација ќе се фокусира на основните аспекти на здравствената заштита, особено на исхраната на бремените жени и здравјето на децата во раниот развој, што тој го смета за клучно за долгорочен напредок.
„Не сакам да ме паметат како богат човек“
Во блог пост минатиот месец, Гејтс напиша: „Луѓето ќе имаат различни мислења за мене кога ќе умрам, но сакам да бидам сигурен дека меѓу тие работи нема да биде: „Тој умре како богат човек“.“
Иако планира да донира дури 99 проценти од своето богатство, според „Блумберг“, Гејтс сепак би останал меѓу најбогатите луѓе во светот.
Бил Гејтс го основал „Мајкрософт“ во 1975 година заедно со покојниот Пол Ален. Компанијата набрзо станала гигант во софтверската индустрија. Во 2000 година, Гејтс се пензионирал од позицијата извршен директор, а во 2014 година од позицијата претседател на одборот.
Тој ги наведува инвеститорот Ворен Бафет и други познати добротвори како примери за неговите филантропски активности.
Сепак, не сите се воодушевени од неговиот пристап. Критичарите тврдат дека Гејтс ја користи својата фондација за да избегне даноци и дека има премногу влијание врз глобалната здравствена политика.