Бил осуден за дрога, но останал на слобода и ја усмртил Фросина Кулакова, 20 годишниот возач повторно во Шутка

Возел пијан и поминал на црвено на семафарот кај Силбо. Обвинителството одреди 30 дена притвор за 20 годишниот Васил Јованов што ја прегази студентката Фросина Кулакова од Неготино. Зад воланот седнал без возачка дозвола.

„Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“ стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Дваесет годишниот Јованов кој ја прегази Фросина и претходно бил во притвор, но за друго кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци. Кривичен тогаш пресудил дека момчето треба да оди во воспитно поправниот дом Тетово. Јавен обвинител барал притвор, но при изрекување на пресудата судот ја укинал оваа мерка. Обвинителот ја обжалил одлуката на судот и предметот во моментот е во жалбена постапка, објаснуваат од Основното јавно обвинителство.

Граѓаните кои преку цел ден палат свеќи и оставаат цвеќе на местото на кој прерано згасна животот на младата студентка се ужаснати од информациите дека зад воланот било момче без дозвола кое пијано поминало на црвено и ја прегазило Фросина. Велат не се чувствуваат безбедно, бидејќи по скопските улици особено на булеварите се вози како на рели трки.

На социјалните мрежи граѓаните револтирани бараат одговори и одговорност зошто на 20 годишникот со досие му се прогледувало низ прсти за досегашните прекршоци и се дозволило да загрози човечки животи. Се споделуваат остри критики паралелно со безброј пораки на сочуство до семејството.

На социјалните платформи од неa се простуваат и нејзините пријатели и колегите од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде таа студирала моден дизајн. Фросина Кулакова била успешна девојка која пред седум месеци ја воодушевила јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Институтот каде од познатиот мајстор Цури ги учела тајните на модниот дизајн.

Пред 12 години, како десет-годишно девојче, Фросина се појави во видео- спотот за песната ,,Божиќ за секој од нас” заедно со нејзината сестра Росица. По средното училиште ја почна модната академија Цури. Животот и прекина на пешачки премин во Скопје од млад, пијан и опасен возач.