Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во МРТ истакна дека предлог-законот за употреба на македонскиот јазик ќе предизвика низа позитивни реакции.
Според неа овој закон ќе ја отслика реалната состојба на јазикот и ќе се регулира неговата правилна употреба. Текстот предвидува секоја инстутиција да вработи лектор, кој ќе ги лекторира сите документации на институциите.
„Ќе се поттикне учениците да се запишуваат на катедрите за македонски јазик. Повторно ќе оживуваат улогите на институтите, коишто се залагаат јазикот постојано да се осовременува и да реагира на промените што се случуваат. Токму затоа не треба да владее неправилна употреба и секоја институција ќе има најмалку еден лектор, а така ќе го поттикнеме и пазарот на трудот. Од самата најава имаме зголемување на лиценцирање на лекторите. Повторно се вративме од 2017 година навака на стандардното полагање за лиценцирање лектори, наместо досегашно електронско полагање што не ги покажа резултатите“, кажа Костадиновска Стојчевска.
Министерката кажа дека квалитетот е вратен како примат во овој процес.
Таа потсети дека сите партии го поздравиле носењето на закон за употреба на македонскиот јазик.
„Сите политички партии го поздравија носењето на ваков закон. Го должиме како генерација и како политичари на оваа држава. Ги нотиравме природните промени на јазикот и тие треба да се пресликаат онака каква што е реалната состојба“, кажа министерката.
Според Костадиновска-Стојчевска новиот закон е од исклучителна важноста, бидејќи ја регулира правилната употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.