Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска го поздрави отвoрањето на лекторат по македонски јазик, литература и култура во Тирана со изјава дека секоја афирмација на македонскиот јазик надвор од границите, како што рече, е за поздравување.
Во изјава за медиуми пред трибината во Сојузот на борците, министерката сподели дека оваа активност се регулира со меѓудржавен договор.
„Би сакала да ја поздравам таа активност за воспоставување на курс по македонски јазик, којшто е во рамките на Универзитетот во Тирана. Отворањето на лекторат се регулира со меѓудржавен договор. Се разбира, ова сѐ уште е на нивото на бесплатен курс, исто она што веќе го имаме една година на Универзитетот за странски јазици во Корча кој што е направен со заеднички напори со Советот за македонски јазик каде што веќе втора година македонскиот јазик ќе се изучува како странски јазик, се нуди бесплатен, исто така, онлајн курс и од наредната академска година веќе македонскиот јазик станува задолжителен, со задолжителен фонд на часови во студиските програми на овој Филолошки факултет, односно Факултетот во Корча“, изјави таа.
Според министерката, секоја афирмација на македонскиот јазик надвор од границите е за поздравување.
На Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, вчера беше отворен Лекторатот по македонски јазик, на иницијатива на Меѓународниот семинар за македонски, јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Лекторати по македонски јазик има во неколку универзитетски центри во светот, и тоа во Полска, Романија, Кина, Русија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и во други земји.