– Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ не е подготвен да ги спроведе бриселскиот основен договор и охридскиот анекс постигнати во косовско-српските преговори на почетокот на минатата година.
Во интервју за новинската агенција КосоваПрес, Бисерко вели дека Вучиќ чека промена на политичките околности во меѓународен контекст, особено доаѓање на власт во Соединетите Американски Држави на поранешниот претседател Доналд Трамп.
– Многу зависи од меѓународниот контекст. Како прво, изборите во Белата куќа, ова е нешто што го чека Белград, со надеж дека Трамп ќе се врати. Второ, Европската унија и она што го постигна десницата е исто така нешто што Белград го смета за позитивен потег во однос на нивните интереси. Од друга страна, овие групи, овие партии можат да влијаат и на политиката на проширување, повеќето од нив се против него. И трето, зависи и од тоа како Русија ќе продолжи со окупацијата на Украина, вели Бисерко.
Проблемот, според неа, е што оваа руска агресија „се чини не е само против Украина, туку и против целиот Запад и неговите вредности“.
– Нивната цел (на Русија) е навистина да го уништат овој европски концепт, кој е единствен концепт во историјата, мировните договори итн., што е исклучително важно за нашиот регион, имајќи ги предвид минатите децении не само на војни, туку и на недоразбирања и неподготвеноста на Србија да се вклучи во процесот на нормализација и подоцна помирување, смета Бисерко.
Таа е песимист дека ќе има напредок во дијалогот меѓу Приштина и Белград и покрај можните средби на високо ниво, но и на главните преговарачи во Брисел.
Српската активистка за човекови права нагласува дека меѓународната заедница треба да го види потенцијалот за дестабилизација што доаѓа од Белград, бидејќи, како што вели, западњаците не ја притискаат Србија да ги исполни барањата во смисла на изведување пред лицето на правдата на одговорните за минатогодишниот терористички напад во Бањска во северно Косово.
– Случајот Бањска навистина беше предупредување за западната заедница, дека постои потенцијал за дестабилизација што доаѓа од Белград. Тие брзо реагираа и спречија оваа ситуација да ескалира. Но, за жал, Србија не одговори соодветно според она што се бараше од неа, и од ЕУ и од САД. Таа го третира ова како реакција на српската заедница на дискриминацијата во Косово, што секако не е реално. Затоа, Србија не одговара на барањата, а од друга страна, Западот навистина не ја притиска Србија да го исполни тоа што се бара од неа, вели Бисерко во интервјуто за КосоваПрес.