– Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека одлуката за поволен понудувач за Чебрен е донесена од Владата врз основа на извештај од Комисија и ако има одредени жалби тие се доставуваат до таа Комисија и до Министерството за животна средина и просторно планирање како задолжено за Чебрен.
На новинарско прашање дали ќе оди на состанок во МЖСПП за Чебрен и дали има можност да пропадне проектот по жалбата од грчката фирма, Битиќи денеска изјави дека нема да се спроведе проектот ако процедурално Министерството за животна средина и просторно планирање МЖСПП оцени дека не е возможно спроведување.
-Ако има таква одлука како што кажувате, јас немам слушнато дека е возможно, ќе дојдат на Влада да реферираат како што доаѓаат за секоја точка. За жал, 30 години како е одземена можноста од некого, упорно сакаме да не го направиме финалниот чекор да одиме во следниот момент – кон развој. Секогаш, за секоја добра иницијатива, велиме дека ни се одзема можност, а не гледаме дека тоа е можност за развој. Секако, ако процедурално МЖСПП оцени дека не е возможно спроведување на тој проект, нема да се спроведе, но сметам дека за државата е важно денес да се направат вистинските одлуки и директно да влијаеме за она што го слушнавме во демографските проекции – да донесеме храбри одлуки кои ќе ги убедат сите кои живеат во државата дека овде имаат можност да продолжат квалитетно да живеат, рече Битиќи.
Тој учествуваше на промоција на проекции за населението во државава на Државниот завод за статистика кои упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.