Битиќи: Ги поддржуваме компаниите да инвестираат, да се развиваат и да отвораат нови работни места за граѓаните

Работењето на компанијата „Лакталис“ од Битола е вистинскиот показател за успешноста на Планот за економски раст поставен во 2017 година, преку кој Владата е на правиот пат да обезбеди економски раст и развој на нашата земја“, изјави заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, при посетата на оваа компанија, која преработува млеко и врши производство на сирења.

По обиколката на производствените капацитети на компанијата, како што соопштуваат од владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи информираше дека „Лакталис“ успешно го заврши првиот инвестициски циклус за 2018-2019 година, за кој преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и биле исплатени над еден милион денари за поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи, и конкурентност на пазар.

-Тоа што особено ме радува како вицепремиер е фактот што ја охрабривме „Лакталис“ да влезе во нов инвестициски циклус, што тоа го направи во 2020 година, за што потпишавме договор во времетраење до крајот на 2024 година. За мерките поддршка за пораст на капитални инестиции и приходи и конкурентност на пазар, само за првите две години, на „Лакталис“, Владата ѝ исплати над 12 милиони и 500 илјади денари, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи потенцира дека целта на Планот за економски раст за поддршка на компаниите е партнерски да ги поддржи компаниите како „Лакталис“ да инвестираат, да се развиваат и да отвораат нови работни места за нашите граѓани.

-Само во Пелагонискиот регион исплативме над 506 милиони денари за 77 компании за периодот 2018-2022 година, со што придонесуваме за рамномерен развој. Минатата година се потпишаа преку 270 договори за поддршка со компании низ целата држава, кои влегоа во инвестициски циклуси од околу 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните пет години или до завршувањето на нивните договори, изјави Битиќи.

Менаџерката за човечки ресурси во „Лакталис“, Весна Коруноска истакна дека компанијата благодарение на поддршката од Владата успеала да ги оствари своите планови за зголемување на производството и извозот, поради што е остварен и раст на профитот.

-Имавме големи инвестиции, како во делот на производството така во делот на откупот на млеко, работевме на зголемување и подобрување на условите за откуп на млеко од нашите кооперанти, работевме на подобрување на нашите услови за производство, што им овозможија не само зголемен волумен на производство и подобар квалитет и безбедност на нашите производи, туку и подобри услови за работа на нашите вработени. Сето ова немаше да биде возможно доколку Владата на Република Северна Македонија не ја направеше поддршката на инвестициониот циклус во „Лакталис“, рече Коруноска.