Три месеци по почетокот на борбата против палестинската исламистичка организација Хамас, израелските сили влегоа во најопасната фаза од војната досега. Интензивни борби се водат во Кан Јунис, најголемиот град на југот на земјата и дом на многу команданти на терористичката група. Израелските сили, исто така, продолжуваат со гранатирање на бегалскиот камп „Џабалија“ на северот од опколената палестинска енклава, еден ден откако израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, изјави дека „интензивната фаза“ на израелската копнена офанзива во северниот дел на Појасот Газа завршила.
Клучната цел на израелската Армија е да ја преземе контролата над огромниот лавиринт од тунели под Кан Јунис. За да го постигнат ова, тие треба да надминат неколку пречки. Високи израелски функционери проценуваат дека мрежата на тунели во Појасот Газа е многу подолга отколку што досега се веруваше. Проценката, објавена од New York Times, покажува дека меѓу 560 и 725 километри тунели минуваат под Појасот Газа, а не околу 400 километри како што се веруваше претходно. Ова е прилично неверојатна бројка, ако се земе предвид дека вкупната големина на Појасот Газа е околу 363 квадратни километри.
Само под Кан Јунис има околу 160 километри тунели. Некаде во тие темни, подземни ходници се кријат командантите на терористичката група Хамас и нивниот водач Јахја Синвар. Разнесувањето на отворот на тунелот не е опција поради неколку причини. Прво, израелските власти предупредуваат дека ќе бидат потребни години за да се уништат сите тунели, бидејќи подземните премини мора прво да се мапираат и да се проверат дали има израелски заложници. Се верува дека 132 заложници киднапирани од Хамас на 7. октомври остануваат во Појасот Газа, иако се верува дека не сите се живи. За време на прекинот на огнот, на крајот на ноември, 105 цивили беа ослободени од заробеништво на Хамас.
Покрај тоа, Хамас инвестираше десетици милиони долари во широката мрежа на тунели, користејќи повеќе од 6.000 тони бетон и 1.800 тони челик, што значи дека нивното уништување би барало значително количество експлозив. Второ, уништувањето на тунелите не е толку лесно бидејќи од почетокот на војната, повеќе од 600.000 луѓе од северот на палестинската енклава избегаа на југ. На зголемената популација на раселените Палестинци им снемува простор за бегство, а меѓународната заедница е сè позагрижена поради големиот број цивилни загинати и повредени, што го зголемува притисокот врз Израел да ја промени својата тактика. Повеќе од 24.000 Палестинци загинаа во израелската инвазија на Појасот Газа, повеќето жени и деца, според палестинските власти. Израелските власти рекоа дека вкупната проценка е точна, но дека илјадници од загинатите се милитанти на Хамас.
„Сега кога луѓето се собраа на југ, Израел не може да го направи она што го направи на север без стотици илјади мртви, а САД нема да го поддржат тоа“, смета Хусеин Ибиш, соработник во Институтот за арапски заливски држави во Вашингтон.
Една опција е да се има прекин на огнот за да се поштедат цивилите. Но, Израел силно се спротивставува на ова, верувајќи дека тоа ќе му овозможи на Хамас да се прегрупира и да излезе од конфликтот уште посилен. Исто така, постои опасност конфликтот на југот на Појасот Газа да заврши со уште повеќе крвопролевање отколку на северот.
Имено, Израел им ветил на САД дека ќе се бори со Хамас на југ со попрецизно таргетирање отколку на север и дека ќе го намали интензитетот на воздушните напади. Но, несогласувањата во израелската Влада би можеле да ги попречат плановите на Армијата.
Министерот за одбрана Јоав Галант претходно оваа недела предупреди дека недостатокот на политички договор може да го попречи воениот напредок и ги повика премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот Бени Ганц на единство, партнерство и компромис за да се постигнат воените цели. Премиерот и министерот за одбрана веруваат дека само воен притисок ќе доведе до ослободување на заложниците, додека министрите Бени Ганц и Гади Ајзенкот се залагаат за фокусирање на напорите за ослободување на заложниците, дури и по цена на привремен прекин на непријателствата. Израелските воени команданти предупредуваат дека борбата на југот на енклавата би можела да трае неколку месеци.
Во подземјето одбраната е во предност бидејќи знае каде е се и може да им постави замки на напаѓачите.
„Сакаме да избегнеме конфликт од рака на рака овде“, призна генералот Ден Голдфус, кој командува со 98-та дивизија на израелската Армија.
Тој има задача да го опколи Кан Јунис, но неговите војници сè уште го истражуваат лавиринтот од тунели, обидувајќи се да ја заобиколат секоја можна пречка што милитантите им ја поставиле на патот, додека наоѓаат начини да ги избркаат на површината.
Битката за Кан Јунис започна во декември, кога израелските сили ја презедоа контролата врз главните пристапни патишта. Оттогаш, 98-та дивизија постепено се проби во источните предградија, а потоа и во центарот на градот.
„Лавиринтот овде е многу попростран и поширок отколку во градот Газа. Интензитетот е таму, но тој е фокусиран, контролиран. Не е на исто ниво како на север“, вели Ден Голдфус за подземјето Кан Јунис, додавајќи дека нивната мисија била првенствено за спасување на преостанатите заложници.
Меѓутоа, досега Израел со воена операција успеа да ослободи само еден жив заложник во Појасот Газа.
Од четирите баталјони на Хамас во Кан Јунис, Ден Голдфус вели дека неговите сили уништиле или значително ослабеле два на истокот од градот. Баталјонот на југ е сè уште активен, а четвртиот, оној на западниот дел од градот, е длабоко вграден меѓу населението. Во источниот дел на Кан Јунис речиси и да нема цивили. Повеќето од жителите побегнале во област западно од градот, која израелските офицери ја нарекуваат побезбедна, но не и безбедна област. Најголемиот број бегалци се упатија кон Рафах, граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет.
Израелските единици користат дигитална мапа, која постојано се ажурира и покажува каде се наоѓаат цивилите. Колорните блокови покажуваат кои делови од градот се полни со бегалци, а кои празни.
„Кога планирам операција, прво ја земам предвид воената цел, потоа населението и ресурсите што можеме да ги вложиме во тој напор“, објаснува Ден Голдфус.
Известувањата за евакуација на израелската Армија во Кан Јунис, исто така, го известуваат Хамас и им даваат можности да се засолнат.
„Им кажуваме дека доаѓаме во одредена област. Знам дека ќе се подготват“, заклучува израелскиот генерал.