Босна и Херцеговина до крајот на првата половина од годинава треба да го лансира својот прв сателит во орбитата.
Станува збор за сателит кој е подарок од Индиската вселенска агенција за Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа (SESA), која освен БиХ ги вклучува и Србија, Црна Гора, Македонија и Хрватска.
„Тие ни го дадоа тој сателит по повод 75-годишнината од независноста на Индија. Тогаш планираат да лансираат 75 сателити, поточно три ракети со по 25 сателити, меѓу кои ќе биде и нашиот“, вели Анес Хаџиомеровиќ од Центарот за едукација, роботика, иновации и технологија (ЦЕРИТ) во Мостар.
Ракетата што ќе го носи првиот сателит во вселената од ова подрачје требаше да биде лансирана на крајот на минатата година, но поради одредени проблеми беше одложено.
„Сега со нетрпение го чекаме ова. Еден колега од Нови Сад беше на состанок со колеги од Индија, а за еден месец повторно треба да одат во Индија. Тогаш ќе ги дознаеме завршните детали“, изјави Хаџиомеровиќ во интервју за „Независне“.
На овој начин регионот на Западен Балкан ќе влезе во мапата на развој на светската вселенска програма, но сепак, како што истакнува Хаџиомеровиќ, овој регион е далеку од најбогатите земји во светот, првенствено по прашањето за парите кои се вложуваат во развојот на технологии неопходни за освојување и искористување на вселената.
„Вселенската програма не е само одење на луѓето во вселената. Има многу други работи. Тоа е корисно за економијата, нови работни места, просперитет“, вели Хаџиомеровиќ, додавајќи дека една од клучните придобивки е работата на едукација на кадрите пред се децата и младите, кои покажаа голем интерес за проекти од оваа област.
Значајно е да се каже дека ЦЕРИТ ќе претседава со оваа организација во следните четири години, бидејќи Управниот одбор на Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа одреди дека седиштето ќе биде во Босна и Херцеговина.
Инаку, Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа ја сочинуваат ЦЕРИТ – Центар за образование и роботика, иновации и технологија од Мостар (БиХ), Комитетот за развој на вселенската програма од Нови Сад (Србија), Вселенски истражувања од Подгорица (Црна Гора), Јадранската асоцијација за воздухопловство од Загреб (Хрватска) и Центарот за иновации и технолошки развој NAVIA од Скопје.