Министрите за транспорт и врски на Северна Македонија и Босна и Херцеговина, Благој Бочварски и Един Форто, на денешната средба потенцирале дека на регионот му се потребни мерки и политики за олеснување на транспортот и трговијата и зголемување на регионалната соработка.
Билатералната средба меѓу министрите е во рамки на Министерскиот совет, кој овие два дена се одржува во Скопје.
Како што соопштија од Министерството за транспорт и врски, двајцата министри ги потврдиле добрите односи и заклучиле дека двете земји остануваат силно посветени на реализација на инфраструктурните проекти со цел зацврстување на регионалната соработка.
На средбата се отвори и прашањето за воспоставената авиолинија Скопје-Сараево како услов за зголемување на трговијата, туризмот и соработката меѓу двете земји.
Благој Бочварски потенцирал дека Северна Македонија во делот на транспортната политика во континуитет ја усогласува легислативата со таа на Европската Унија.
„Драго ми е што денеска остварив средба со мојот колега министер од Босна и Херцеговина. Разговаравме за процесите на олеснување и подобрување на секторот транспорт, дадовме фокус и на продлабочување на регионалната соработка, како и на заедничките инвестиции за развој на мрежата на европските коридори. Меѓузависноста на нашите земји не поттикнува да спроведеме мерки и политики што ќе го олеснат транспортот и трговијата и ќе ја зголемат регионалната соработка, како предуслов за заеднички пазар, интеграција и членство во ЕУ“, изјави министерот Благој Бочварски.