Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се обрати на конференција посветена на Еврокодовите – нови стандарди за проектирање и градење на сите видови градежни конструкции.
Во своето обраќање, како што информира Министерството за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека воведувањето на Еврокодовите е чекор напред во подигнување на квалитетот на проектирањето и градбата и обврска која Република Севена Македонија мора да ја исполни во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Министерството за транспорт и врски наведува дека во 2020 година го донесе Правилникот за стандарди и нормативи во кои се внесени Еврокодовите како нови стандарди при проектирањето, со одложена примена до 2024 година.
Оваа одложена примена, се наведува во соопштението, беше донесена со цел низ овој временски период да се изврши соодветна едукација на сите чинители во градежната дејност заради нивна доследна имплеметација во градежништвото. Имплементацијата на Еврокодовите е процес на усогласување со европската регулатива со што ќе се олесни простапот и конкуретноста на домашните градежни компании на европскиот пазар.
„Заеднички ја започнавме реформата за да ја подобриме струката, фелата, климата и да работиме во подобри услови. На барање на Комората, на професорите, ја одложивме примената и си дадовме јасна задача за да продолжиме со обуките со цел комплетна примена на Еврокодовите. Сакам да упатам јасна порака дека нивната примена стапува на сила во септември 2024 година и нема одлагање. Доаѓаат крупни проекти во државата коишто бараат проектирање согласно овие нови процедуи и треба подготвени да ги пречекаме. Тоа е процес каде сите земји од регионот се движат во таа насока и Северна Македонија мора да биде подготвена да ги примени. Исто така, сакам да спомнам дека изготвуваме нов Закон за градење и верувајте дека правиме компромис меѓу сите за да најдеме едно сеопфатно законско решение со кое повторно ќе го подигнеме градежништвото на повисоко ниво и ќе создадеме подобри услови за работа за сите вас“, изјави Благој Бочварски.
Кристинка Чулак, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери, истакна дека градежништвото е комплесна професија и затоа мора да се надградува.
„Преку вакви средби кои во следниот период ќе ги зачестиме ќе ги отвориме сите предизвици во нашето работење. Еврокодовите се дел од нашата професија и затоа преку обуки и презентации кои веќе се започнати ќе се стремиме да ги имплементираме во нашата работа. Исто така, би сакала да го потенцирам и Ценовникот и Тарифникот за урбанистичко планирање преку кои првпат се валоризира професијата и за кои имаме огромна поддршка од Министерството за транспорт и врски“, изјави Кристинка Чулак на конференцијата организирана од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.