Американскиот државен секретар Ентони Блинкен попладнево пристигна во Турција, каде ќе му ја изрази поддршка на САД на својот сојузник, уништен од земјотресот во кој загинаа повеќе од 46.000 луѓе во земјата и во соседна Сирија.
Блинкен, кој дојде од Минхен каде што учествуваше на Конференцијата за безбедност, слета во воздухопловната база Инџирлик во југоисточна Турција.
Од таа база дел од хуманитарната помош, особено американската е насочена кон подрачјата погодени од земјотресот со јачина од 7,7 степени по Рихтер што се случи на 6 февруари.
Тоа е најголемата катастрофа во модерна Турција, во која според последните податоци, загинаа најмалку 40.689 лица.
Блинкен попладнево треба да се сретне со воени и хуманитарни претставници кои ја координираат американската помош за жртвите од катастрофата.
Американскиот министер вечер ќе замине во Анкара, а за утре е предвидена средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ова е прво патување на американскиот државен секретар во Турција откако ја презеде функцијата пред две години. Посетата беше закажана пред земјотресот.
Европската турнеја Блинкен ќе ја заврши со посета на Грција, каде ќе престојува во понеделник навечер и вторник.