Висок претставник на Стејт департментот денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Ентони Блинкен да има каква било средба со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, за време на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Северна Македонија.
-Не очекуваме средба, изјави неименуваниот функционер, пренесува „Гласот на Америка“ (ВОА).
Запрашан за одлуката на Блинкен да присуствува на самитот на ОБСЕ, високиот функционер на Стејт департментот кажа дека ОБСЕ е важна институција за справување со политичките прашања и прашањата за човековите права низ Европа.
„Секретарот ќе биде во Скопје во знак на солидарност со Северна Македонија, која заврши одлична работа во тешката година како претседавач, и воедно да изрази солидарност со другите членки на ОБСЕ“, се наведува во официјалното соопштение на Стејт департментот.
Властите на Северна Македонија му дозволија на рускиот министер за надворешни работи да присуствува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, поради што Украина и балтичките земји го бојкотираат состанокот, додава ВОА.
„Присуството на Лавров на средбата на ОБСЕ во Скопје ќе ѝ даде на Москва можност да шири пропаганда“, соопштија шефовите на литавнската, естонската и летонската дипломатија