Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија започнаа воздушни и поморски напади врз воените цели на Хутите во Јемен како одговор на нападите врз бродови во Црвеното Море, а тоа значи драматично регионално проширување на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. Портпаролот на јеменските Хути порача дека нема оправдување за американско-британскиот напад и кажа дека групата поддржана од Иран ќе продолжи да ги гаѓа бродовите што пловат кон Израел.
„Нападите го одразуваат неуспехот на Запад да ја задржи војната“, изјави американскиот дописник Марк Стоун за Sky News.
Тој додал дека регионот, кој веќе е на работ, сега се подготвува за тоа како ќе одговорат Иран и Хутите.
„Заклучокот е дека обидот на Западот за да се ограничи кризата на Блискиот Исток не успеа“, вели Марк Стоун.
Тој укажува на престрелките на Хезболах на северната граница на Израел и нападите на иранските посредници врз американските сили во регионот, како и нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море. Сè уште не е јасно што точно е погодено – САД и Велика Британија велат дека целеле на локации за лансирање на беспилотни летала и проектили.
„Не знаеме колкава е колатералната штета. Ако има колатерална штета, тоа ќе биде навистина загрижувачко“, вели Марк Стоун и додава: „Ние, исто така, не знаеме како Хутите и Иран ќе одговорат на сето ова, така што регионот што беше на работ сега повторно е разгорен“.
Иран во петокот соопшти дека го осудува американско-британскиот напад, предупредувајќи дека тоа ќе поттикне „несигурност и нестабилност“ во регионот, објавија иранските државни медиуми.
„Силно ги осудуваме воените напади извршени утринава од страна на САД и Велика Британија врз неколку градови во Јемен“, изјави Насер Канани, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
„Овие напади се јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и кршење на меѓународното право“, нагласува тој.
Моќната либанска вооружена група Хезболах во петокот соопшти дека го осудува американско-британскиот напад врз Јемен. Групата поврзана со Иран додаде дека – „американската агресија уште еднаш потврдува дека САД се рамноправен партнер во трагедиите и масакрите извршени од ционистичкиот непријател во Појасот Газа и во регионот“, се вели во соопштението.