Јапонија и Холандија наскоро, по инсистирањето на Вашингтон, ќе им се придружат на САД во ограничувањето на извозот на опрема за производство на полупроводници во Кина, објави Блумберг.
Разговорите меѓу земјите ќе завршат денеска, а Холандија ќе ја ограничи продажбата на АСМИЛ машини на Кина, што се користат за производство на одредени видови напредни чипови, наведува Блумберг.
Холандската компанија ги произведува машините во Европа, со малку американски делови, но американската министерка за трговија Џина Раимондо на 3 ноември рече дека очекува сојузничките земји, вклучително и Холандија, да ја следат американската политика.
Според Блумберг, Јапонија ќе воведе слично ограничување за Никон.
Како што се наведува, без јапонска или холандска соработка, американските компании би биле во неповолна положба.
„Разговаравме со САД и другите земји за режимот на контрола на извозот. Сите мерки ќе ги спроведеме согласно нашиот Закон за девизно работење и преку меѓународна соработка“, изјави јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија Јасутоши Нишимура.